Ново засилување: Туниски „бомбардер“ ќе стрела во дресот на Еурофарм Пелистер

Еурофарм Пелистер во рок од 24 часа го официјализираше и вториот трансфер за наредната натпреварувачка сезона, откако по голманот Лесјак денеска беше комплетиран и ангажманот на десниот бек на туниската репрезентација, Усама Хосни.

Овој 29-годишен ракометар ќе пристигне во Битола од шампионатот на Франција, каде со успех го носи дресот на Истр. Негов матичен клуб е Клуб Африкан, а потоа во 2017 година се пресели во Франција, каде настапува веќе четврта сезона. Најнапред го носеше дресот на Иври, потоа настапуваше за Понто Комбо, а од 2019 година е член на Истр. Висок е 193 сантиметри и поседува драгоцено искуство од настапи на највисоко клупско и репрезентативно ниво.

Со репрезентацијата на Тунис настапи на три Светски првенства, освојувач е на едно злато и две сребра од шампионатот на Африка, а стана и клупски првак на Африка во дресот на Клуб Африкан. Запиша 102 настапи за туниската репрезентација и постигна 125 гола.

Неговото официјално претставување во Битола предвидено е пред почетокот на сезоната 2022/23.

Се вчитува...