Новото заштитно лице на ПСЖ потпиша до 2029 година

ПСЖ се подготвува за „животот без Килијан Мбапе“, тренерот Енрике веќе на неколку натпревари испробува тактика без својот најдобар играч, додека управата го избра новиот млад бисер кој треба да биде заштитно лице на ПСЖ во наредните години.

Станува збор за тинејџерот Ворен Заир Емери, кој денеска и официјално потпиша нов договор со „светците“ со важност до 2029 година. Заир Емери позираше со претседателот Ал Келаифи пред почетокот на вечерашниот дуел на „Паркот на принцовите“, со овации поздравен од навивачите кои го препознаваат потенцијалот на ова „чудо од дете“.

Тој неодамна наполни 18 години, но Заир Емери веќе има 69 средби во сите натпреварувања за ПСЖ, притоа постигнувајќи и пет гола за тимот од главниот град на Франција.

„Многу сум горд и среќен што ќе ја продолжам авантурата со клубот каде што ја почнав кариерата. ПСЖ, клубот на моето детство, соработката продолжува.Голема благодарност до претседателот Ал Келаифи кој беше крај мене од самиот почеток, за огромната доверба што ја има во моите квалитети. Благодарен сум за сето она што клубот ми го даде досега, до сите тренери со кои соработував во минатото, како и до Луис Енрике со кого имам беспрекорна соработка оваа сезона. Се надевам дека и во иднина ќе бидете горди на мене и на моите настапи“, изјави Заир Емери по потписот на новиот договор.

Се вчитува...