„Нож до коска“ во КК Куманово: Кошаркарите штрајкуваат, нема ни да играат натпревари

Сценариото од РК Металург се повторува на македонската спортска сцена, откако денеска и кошаркарите на Куманово почнаа штрајк, по големите долгови што управата на клубот ги има кон нив. „Сино-белите“ немаат земено ниту една плата за оваа сезона, во текот на месецот неколку дена беа без тренинг, но попуштија по новата серија ветувања на челниците на клубот.

Откако стана јасно дека и тие ветувања се „ветер и магла“, денеска е донесена одлука ниту еден од играчите повеќе да не се појавува на тренинг, додека не бидат подмирени обврските кон нив. Пораката е јасна – доколку во следните десетина дена не бидат најдени пари, кошаркарите нема да излезат на терен, на дуелот со Феникс што е предвиден да се игра на наредниот викенд, по завршувањето на репрезентативната пауза.

Кумановци тонат во криза со месеци наназад, најпрвин тргнаа на „европска екскурзија“ во Холандија со автобус, а по враќањето кошаркарите останаа со празни џебови се до ден денеска. Поради големите долгови клубот веќе го напуштија неколку кошаркари, а во меѓувреме за нов тренер беше вратен Владимир Мирковски, кој веднаш се соочи со огромен проблем.

Локалните избори завршија, актуелната управа е блиска до старо-новиот градоначалник Максим Димитриевски, за кој е неизвесно дали е воопшто запознаен со ситуацијата во клубот што го финансираше и зад кој планира да продолжи да стои и во новиот мандат. Едно е сигурно, ако не се реагира експресно ќе дојде до тотален распад-систем, бидејќи лагите на челниците на клубот веќе не минуваат кај кошаркарите.

Се вчитува...