Нухији: Среќата не посака… Треневски: Тежок пораз, но има уште многу за играње

Тренерот на Шкупи, Адријан Нухији е задоволен што неговите избраници се изборија за триумф (2-1) над Работнички во последните минути од средбата. Тимот од Чаир конечно ја забележа првата победа во домашното првенство за оваа сезона, а Нухији вели дека денеска среќата ги посака кон крајот од мечот, иако смета дека трите бода се заслужени.

„Добар, отворен натпревар одиграа и двете екипи. Ние во одредени моменти имавме иницијатива, поведовме многу рано, што ни даде самодоверба. Работнички своите можности ги бараше од прекини, и така стигна до израмнувачкиот погодок. Игравме добро и на претходните два натпревари, кои за жал ги загубивме. Создававме шанси, истото го барав и денеска од моите момци, и натаму сметам дека со добар, офанзивен фудбал ќе следат и бодови. Она што им кажав на моите момци е да продолжат да играат со истото темпо, бидејќи игравме добро и во првиот дел, па се случи среќата да не посака во последните минути“, истакна Нухији по натпреварот на Чаир.

skupi rabotnicki 10.09 (5)

Тренерот на Работнички, Виктор Треневски вели дека секогаш е тешко да се игра против Шкупи на стадионот во Чаир. За него, мали нијанси во квалитетот го одлучија конечниот исход на денешниот дуел.

„Мислам дека игравме добро. И двата тима играа напаѓачки фудбал. Добро беше што брзо се вративме по рано примениот гол, но ете не издржавме во последните минути. Искрено, во второто полувреме се обидовме да одиме на победа, навистина ни требаше триумф по претходните два нерешени натпревари. Сепак, нијанси беа во прашање, неколку грешки на крајот можеби беа решавачки фактор за овој пораз. Секогаш е тешко да се игра против Шкупи тука на Чаир. Тие секогаш се трудат да остварат победа пред своите навивачи, кои ги бодрат цели 90 минути. Меѓутоа, одиме понатаму, ова е само почеток на првенството, има уште многу натпревари за играње“, изјави Треневски по мечот.

Се вчитува...