Скопје и општина Илинден од 11 до 13 септември ќе бидат домаќини на едно од најсилните изданија на „Илинден Куп“ досега. Веќе се е подготвено за еден од најквалитетните и најмасовните турнири за деца во Југоисточна Европа, кој првпат оваа година, според Асоцијацијата на фудбалски турнири (АФТ) е категоризиран како еден од четирите најдобри елитни турнири во земјите од поранешна Југославија.
Од 11 до 13 септември, терените во општина Илинден и околината на Скопје повторно ќе бидат домаќини на голем број млади фудбалери и клубови од регионот и Европа, кои ќе се борат за престижниот трофеј, но и за вредни бодови во рангирањето на АФТ листата. Овогодишното издание на Илинден Куп има и дополнителна тежина во AFT системот на рангирање.
Четвртото издание на турнирот ќе се игра во шест возрасни категории – генерации 2014, 2015, 2016, 2017, 2018 и 2019 година – а првите натпревари се закажани за петок, 11 септември. Ќе учествуваат неверојатна бројка од повеќе од 2.500 деца од повеќе од 230 клубови од Македонија, Белгија, Србија, Хрватска, Шпанија, БиХ, Црна Гора, Турција, Бугарија, Романија, Унгарија….
Големите финалиња ќе се играат во недела, 13 септември, додека свеченото отворање е закажано за првата вечер од турнирот.

Комплетниот состав на групите во сите генерации, распоредот на натпреварите, термините и терените на кои ќе се игра достапни се преку мултимедијалниот интерактивен апликациски приказ на Илинден Куп 2026.
КОМПЛЕТНИОТ РАСПОРЕД И СОСТАВОТ НА ГРУПИТЕ ЗА ИЛИНДЕН КУП 2026 МОЖЕ ДА ГИ ПОГЛЕДНЕТЕ НА ОВОЈ ЛИНК
Веќе е познато дека меѓу екипите учесници на годинашното престижно издание на „Илинден Куп“ се и Андерлехт, Црвена Звезда, Динамо Загреб, Партизан, Виљареал, Аланијаспор, Војводина, Будуќност, Интер Питешти, Аполон, Спартак Суботица…, но и, со свои генерации, и буквално сите најдобри домашни клубови како Вардар, Шкендија, Работнички, Брегалница, Пелистер, Беласица…., но и од сите најдобри фудбалски школи од Македонија.
„Илинден Куп“ е во организација на Фудбалската школа Грозданоски од Скопје, а под покровителство на Општина Илинден, издвојувајќи се како најголемиот спортски настан во општината, со поддршка и на Фудбалската федерација на Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
