Обрадовиќ: Барав Пантер да го реши мечот, тој само ја зеде топката и …

Евролигашката бајка на Партизан продолжи со извонредниот триумф на првиот меч од четвртфиналната серија против Реал Мадрид. „Црно-белите“ цел меч одлично му парираа на фаворитот, на моменти беа и подобар ривал, а на крајот во своите редови го имаа Кевин Пантер, извонредниот Американец кој погоди тројка на помалку од една секунда до крајот и го реши победникот.

Жељко Обрадовиќ по мечот им честиташе на своите кошаркари, потсетувајќи ги дека допрва ќе следат тешки предизвици во оваа четвртфинална серија што се игра до три победи.

„Јас барав Кевин да ја одлучи средбата, тој го прави тоа на тренинзите, бесконечно работи на тој шут и не престана да верува дури и кога промашуваше. Топката во такви моменти оди кај Пантер, кој многу пати ни донел победи, така беше и во Мадрид. Можеше да шутне и за два, но тој се реши за тројка и успеа. Позитивно е што го добивме овој тежок меч, во кој може да се види сета убавина на кошаркарскиот спорт. Имавме проблеми, пред се во скокот, но победивме благодарение на шутот од далечина. Најлошо нешто што може да направиме сега е да создадеме еуфорија поради оваа победа. Мораме да продолжиме да работиме, се изборивме да имаме два меча во Белград, сега одиме понатаму, има уште многу да се игра“, изјави трофејниот тренер на клупата на Партизан.

Се вчитува...