Обрадовиќ бесен ќе дојде во Скопје: Потоп на Партизан во Берлин

Кошаркарите на Партизан вечерва претрпеа убедлив пораз од 100-84 на гостувањето против Алба, во последниот меч што „црно-белите“ го играат во пресрет на гостувањето во Скопје и дуелот со МЗТ закажан за понеделник. Тренерот Жељко Обрадовиќ беше видно разочаран од изданието на своите кошаркари, бесен на очајната игра во одбраната, па нема сомнеж дека трофејниот стручњак ќе настојува што поголем дел од овие грешки да бидат корегирани на мечот во СЦ „Јане Сандански“.

Алба тргна фуриозно, ја доби првата четвртина со 33-18, а потоа во вториот период поведе со преубедливи 46-20. Партизан се разбуди и во третата четвртина успеа да се приближи на само десет поени негатива, но германскиот клуб благодарение на офанзивниот напад умешно ја зголеми предноста и на крајот славеше со конечни „плус 16“, со тројката што ја постигна Ло во последната секунда. Блат со 16 и Сикма со 15 поени ги предводеа стрелците на Алба, додека најефикасен во редовите на Партизан беше Ексум со 22 поени.

Европскиот првак Анадолу Ефес ја почна одбраната на титулата со домашна победа над Црвена Звезда од 72-59. „Црвено-белите“ без помошта на Недовиќ и Добриќ солидно парираа три четвртини, но квалитетот и искуството на Ефес се покажаа како клучен фактор. Мициќ и покрај двете лични грешки на самиот почеток го предводеше Ефес во оваа победа, реализирајќи 16 поени и шест асистенции, а најефикасен беше Вил Клибурн со 18 поени.

Се вчитува...