Обрадовиќ бесен на играчите: Поените ги славевме како да сме се качиле на Монт Еверест, а тогаш…

Партизан се наоѓа во сериозна резултатска криза кога станува збор за Евролигата, а кога на тоа ќе се додаде домашниот пораз од вечниот ривал Црвена Звезда, јасно е дека Жељко Обрадовиќ има причина за загриженост и за нервоза.

Трофејниот стратег не го криеше разочарувањето по синоќешниот пораз од „црвено-белите“, вината префрлајќи ја врз играчите.

„Погледнете ги последните минута и половина, имавме четири отворени шутеви, тотално сами играчи. Зошто не погодивме? Тројки реализиравме 5/27, тоа е ниво не сакам ни да кажам за каков тим. Сепак, тоа е кошарка, дел од спортот, да не влезеше шутот на Недовиќ сега се ќе беше поинаку. Една топка одлучува дали си горе или доле. Играме, имаме желба и енергија, а потоа ќе направиме глупост и целосно паѓаме. Па почнавме толку добро, а застанавме по одличната прва четвртина и дозволивме да ни се вратат со 29-13 во вториот период. Тоа е скандалозно, но ние им го дозволивме тоа“, изјави Обрадовиќ.

Тој беше разочаран и од односот на кошаркарите на теренот.

„Некои работи не смеат да се случуваат. Ние ќе погодевме и поените се славеа како да сме се качиле на Монт Еверест, а две секунди подоцна примавме поени зад грб или правевме лични грешки за две слободни фрлања. Тоа е недозволиво“, дециден е одличниот стратег, кој ќе мора што поскоро да најде лек за кризата на Партизан.

Се вчитува...