Очаен старт на Реал, „кралевите“ по три кола во Евролигата имаат три порази

Кошаркарите на Реал Мадрид кои се актуелни вицешампиони, имаат очаен старт во новата сезона и по три кола во Евролигата имаат три порази.

По шокантните порази од Дубаи и Анадолу Ефес, „кралевите“ денеска се поразени од Хапоел Тел Авив со 102:98 и се заковани на дното на табелата.

Првата четвртина помина во знакот на Зек Чедеј кој даде 13 поени, а неговиот Хапоел го доби овој период со 29:20.

Во втората четвртина се случи вистински потоп на „кралевите“, во 17-та минута веќе имаа негатива од неверојатни 20 поени (54:34), а овој пат кошот го полнеше Василије Мициќ со 14 поени. На пауза се замина со 63:43.

Но, во третата четвртина, Реал Мадрид целосно се врати во натпреварот, ја надомести негативата и пред крајот на периодот по поените на Валтер Таварес дури и поведе со 74:75.

Во одлучувачката четвртина следуваше нов пад во играта кој го истористија кошаркарите на Хапоел да дојдат до двоцифрена предност на пет минути до крајот (88:78), која не ја испуштија до крајот за втора победа во првите три кола.

Елајџа Брајант со 22 поени, 13 скока и седум асистенции беше најдобар кај Хапоел, Мициќ даде 22, Кабокло и Ледеј по 15 поени.

Во редовите на Реал Мадрид, Тео Маледон беше најпрецизен до 26 поени и седум асистенции, додека Луваву-Кабарот постигна 21 поен.

Следна шанса за да дојде до првиот триумф сезонава, Реал ќе има идниот четврток кога на првиот дуел пред своите гледачи ќе игра против Партизан.

Се вчитува...