Очајна одбрана + смешен напад = Пораз од Задар

МЗТ Скопје го претрпе и првиот пораз на домашен терен сезонава, вкупно втор во АБА-лигата, губејќи неочекувано од Задар со резултат 80-85. Македонскиот првак на нешто повеќе од една минута имаше предност од два поени, но на крајот претрпе пораз, како последица на новото очајно издание во одбраната, но овојпат и на бројните почетнички грешки во нападот, кој на периоди делуваше безидејно, а во бројни ситуации МЗТ делуваше и смешно, не успевајќи да ја внесе топката во поле од аут или од под сопствениот кош.

Мечот почна со конфузна игра во нападот на двете страни, што придонесе да дојде и до бројни промашувања. Трајковски постигна шест од првите осум поени на МЗТ Скопје за рано водство од 8-4, но Задар возврати со серија од шест поени, по што извесен период се играше израмнето. Првата четвртина заврши со предност на гостите од 15-18, за МЗТ со нешто поагресивна одбрана да изнуди грешки и лесни поени од контранапади и да го сврти резултатот во своја полза. Стајиќ беше одличен во периодот што го мина на теренот, но „сино-белите“ во завршницата со неколку почетнички грешки му овозможија на противникот да стигне до израмнети 39-39 на крајот од втората четвртина.

zadar stajic

Второто полувреме почна со подобра игра на гостите, кои набрзина поведоа со 41-46, а згора на тоа Бојан Трајковски набрзина доби уште две лични грешки, па со четири мораше да биде повлечен од игра. И повторно идентично како и во вториот период македонскиот првак експресно влезе во бонус, овозможувајќи им на противниците лесни поени од линијата за слободни фрлања. За среќа, проработе нападот, а Стајиќ по влегувањето имаше уште една извонредна асистенција до Бејли, за водство на МЗТ од 52-51, по што гостинскиот тренер побара тајмаут. МЗТ низ текот на целиот натпревар имаше почетнички проблеми, губејќи неколку топки при самото уфрлање од аут или под сопствениот кош, со што намето посериозно да се одлепи му овозможуваше на гостинскиот тим да се враќа резултатски. Во последните десет минути се влезе со резултат 63-61, а за одбележување е дека гостите за три четвртини изведоа 25 слободни фрлања, наспроти 13 на МЗТ Скопје.

И повторно Задар беше тимот што подобро ја отвори четвртината, па гостинскиот состав набрзина поведе со 64-67. Овојпат гостинската екипа за само четири минути влезе во бонус, но МЗТ почна се почесто да ги промашува слободните фрлања (две на Лалиќ, по едно на Гарсија и на Трајковски). Хрватскиот состав имаше водство се до 36. минута, кога најпрвин Лалиќ погоди тројка, а потоа Мекиќ со едно погодено слободно фрлање донесе минимална предност од 76-75. Веќе во следниот напад Трајковски ја заработи петтата лична грешка, па МЗТ последните три и пол минути ги одигра без еден од своите најдобри кошаркари.

zadar bojan trajkovski

На две минути до крајот резултатот гласеше 78-78, за по два неискористени напади на двете страни конечно Дамјан Стојановски од положување да погоди за водство на македонскиот шампион од 80-78. Шпраља погоди тројка за Задар, а потоа МЗТ повторно одигра конфузно во нападот, Џенсен ја загуби топката, па по новите поени на Ноулс Тодоров беше принуден на тајмаут при резултат 80-83, на 22 секунди до крајот. И во клучниот напад МЗТ одигра смешно, Гарсија силуваше непотребно при влез и промаши, по што Задар од контранапад реализираше за конечни 80-85.

За крај, дел од навивачите упатија и свирежи кон домашните кошаркари, разочарани од изданието во овие 40 минути.

Се вчитува...