Очајниот старт на второто полувреме го чинеше Вардар пораз од Алборг

Актуелниот ракометен шампион на Македонија Вардар загуби на гостувањето кај Алборг со 33-29 во 5. коло од новата сезона во Лигата на шампионите. Тимур Дибиров беше единствениот расположен ракометар кај „црвено-црните“, а сето тоа беше премалку вторпат да се добие европскиот вицешампион, кој сега за разлика од првиот меч во Скопје можеше да смета на својот најдобар ракометар, Арон Палмарсон.

Домаќините подобро го отворија натпреварот и брзо стигнаа до предност од три гола разлика (6-3). „Црвено-црните“ заиграа подобро и во еден момент успеаја да стигнат до целосен пресврт и водство од 7-8. Сепак, следеше голем пад во кој седум минути беа без гол, а Данците го искористија тоа и повторно дојдоа до водство од 10-8. Сушата од седум минути без гол ја прекина Тимур Дибиров со маестрална завршница намалувајќи на 10-9. До крајот на првите триесет минути Данците успеаја повторно да стигнат до највисоките плус три и на пауза да заминат со предност од 16-13.

Данците фуриозно го стартуваа вториот дел и за седум минути успеаја да стигна до највисоки плус седум 21-14. На Вардар му требаа повеќе од 15. минути да излезе од резултатската криза, но Веселин Вујовиќ успеа да ја врати самодовербата кај своите ракометари кои во 54. минута успеаја да дојдат на минус три 29-26. Следеше нова интервенција на Мартин Томовски (деветта во мечот), а со петтиот гол на Кевин Њокас, Вардар дојде и на минус два во 56. минута (29-27). Палмарсон возврати за 30-27, по што следуваше грешка на Анте Кудуз по која, Данците успеаја да погодат и да ги решат дилемите околу победникот.

Дибиров остана на деветта гола од првото полувреме со кои беше најефикасен во таборот на „вардарци“, додека Кевин Њокас додаде седум. Кај победникот Арон Палмарсон очекувано беше најефикасен со осум гола.

Се вчитува...