Очекувано: Елмас на списокот на Наполи за ЛШ

Елиф Елмас ќе добие шанса да настапи во Лигата на шампионите откако тренерот Карло Анчелоти реши да го вклучи македонскиот ас на списокот од 24 фудбалери на кои ќе може да смета во групната фаза од елитното европско натпреварување.

Ваквиот развој на настаните е сосема очекуван ако се знае дека Елмас веднаш по трансферот од Фенербахче успеа да се наметне кај Анчелоти. Иако не беше стартер, тој влезе во игра во вторите полувремиња од првите две средби сезонава, тешките гостувања против Фиорентина и Јувентус, па само прашање на време е кога Македонецот ќе се најде и меѓу првите единаесетмина на искусниот стратег.

Тоа би можело да се случи на еден од натпреварите од Лигата на шампионите, со оглед на фактот дека Елмас е еден од петмината играчи за врска на чии услуги ќе смета Анчелоти, заедно со Алан, Фабијан Руиз, Зиелински и Гаетано.

За потсетување, ривали на Наполи во групната фаза од ЛШ се Ливерпул, Салцбург и Генк. Во првото коло „наполитанците“ на домашен терен ќе го пречекаат европскиот првак Ливерпул.

Се вчитува...