Очекувано: „Ѕвездата“ на Интер е МВП на сезоната во Калчо-лигата

Сезоната во Серија А се уште не е завршена, но раководството на Калчо-лигата денеска ги објави лауреатите за шампионатот 2023/24.

Очекувано, во преден план се членовите на шампионот Интер, па така Симоне Инзаги е избран за тренер на годината, Бастони за најдобар дефанзивец, Чалханоглу за најдобар играч за врска, додека признанието за МВП на сезоната заврши во рацете на Лаутаро Мартинез. Она што е интересно, за најдобар напаѓач пред Лаутаро беше избран Душан Влаховиќ од Јувентус, но Аргентинецот затоа ја доби наградата за најкорисен фудбалер во елитното италијанско фудбалско друштво.

„Лаутаро Мартинез имаше извонредна сезона, како според настапите, така и според прикажаните лидерски способности. Тој со својата харизма и односот на теренот беше перфектен капитен на тимот на Интер што заслужено стигна до скудетото“, изјави првиот човек на Серија А, Луиџи де Сиерво.

Интересно, Зомер не беше избран за најдобар голман, оваа награда заврши во рацете на Микеле ди Грегорио од Монца, додека признанието за најдобар млад фудбалер го освои Џошуа Циркзе од Болоња.

Се вчитува...