Од Беласица се жалат: Академија Пандев не дозволува присуство на „Ајдуци“ на „Кукуш“

Од ФК Беласица со соопштение до нашата редакција реагираат на одлуката на Академија Пандев да не се дозволи присуство на навивачката група на тимот „Ајдуци“ на дерби пресметката од 11. коло во ПМФЛ која во недела од 13:30 часот се игра на стадионот „Кукуш“ во Турново.

За Беласица сето тоа е големо изненадување, ако се знае дека во минатото во Турново секогаш гостувале гостински навивачи.

СООПШТЕНИЕТО ОД ФК БЕЛАСИЦА ВИ ГО ПРЕНЕСУВАМЕ ВО ЦЕЛОСТ:

Ја користиме оваа прилика да ве известиме дека ФК Академија Пандев не дозволува нашата навивачка група „Ајдуци“ организирано да допатува на стадионот „Кукуш“ во Турново и да даде поддршка на нашите фудбалери.

Причината за таквата нивна одлука е дека на стадионот „Кукуш“ на трибината нема ограден дел за навивачка група. Имајќи во предвид дека на истиот стадион до сега доаѓале многу навивачки групи и немало никаква причина истите организирано да присуствуваат и ги бодрат своите тимови, во нашиот случај одлука е апсурдна и банална.

Според правилникот за безбедност на ФФМ за организација на фудбалски натпревари, единствено домаќинот организатор на фудбалски натпревар може да одбие присуство на гостинска навивачка група доколку истата не биде благовремено најавена од страна на гостинската екипа (минимум 48 часа пред почетокот на натпреварот) или доколку стадионот има само една трибина и од безбедносни причини на истата не смеат да бидат присутни две навивачки групи.

Имајќи во предвид дека ФК Академија Пандев нема своја навивачка група, оваа одлука е апсурдна и не е во рамки на спортскиот дух, но ФК Беласица ќе ја почитува истата.

Со почит,

ФК Беласица

Се вчитува...