Стипендистката на Македонскиот олимписки комитет и тениски тренер Даниела Колева успешно го заврши престижниот Меѓународен курс за тренери (International Coaching Course – ICC) во Будимпешта, кој го реализираше со поддршка на програмата Олимписка солидарност.
Осумнеделната едукативна програма, организирана од Унгарскиот универзитет за спортски науки (Hungarian University of Sports Science – HUSS), во соработка со Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) и Олимписка солидарност, претставува една од најреномираните меѓународни програми за едукација и професионален развој на тренери во врвниот спорт.
Во текот на програмата Колева стекна современи знаења и практични вештини од областа на тренерската работа, спортската теорија, нутриционизмот, спортската аналитика, превенцијата од повреди и примената на современи методологии во тренажниот процес. Истовремено, преку соработка и размена на искуства со тренери од повеќе земји, таа воспостави нови професионални контакти и се запозна со најдобрите меѓународни практики, кои ќе може да ги примени во својата секојдневна работа и да ги пренесе на идните генерации спортисти и тренери, придонесувајќи за понатамошен развој на тенисот и македонскиот спорт.

„Имав неверојатна можност да бидам дел од меѓународна обука за тренери во Будимпешта – искуство кое ќе го паметам долго време. Покрај практичната работа, имавме можност да учиме за спортската теорија, нутриционизмот, спортската аналитика, превенцијата од повреди и многу други теми кои се важен дел од развојот на секој тренер. Особено ми значеше што учевме од врвни професори на Унгарскиот универзитет за спортски науки и што секој ден носеше нови знаења и предизвици“, истакна Колева.
Таа додаде дека особена вредност на програмата биле меѓународните контакти и размената на искуства со тренери од различни земји.
„Благодарна сум на Македонскиот олимписки комитет и Олимписка солидарност за укажаната доверба и поддршка што ми овозможија да бидам дел од оваа програма. Се надевам дека знаењата, искуствата и контактите што ги стекнав ќе имам можност да ги споделам со што поголем број тренери и спортски работници во нашата земја и дека ќе придонесат кон понатамошниот развој на спортот во Македонија. Горда сум што бев дел од оваа програма и мотивирана сум наученото да го преточам во квалитетна работа, нови идеи и позитивни промени во спортската средина“, порача Колева.

Македонскиот олимписки комитет останува посветен на поддршка на вакви меѓународни едукативни програми кои придонесуваат за развој на стручните кадри и јакнење на спортскиот систем во земјата, при што континуираната едукација на тренерите се смета за клучен сегмент во развојот на врвниот спорт.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
