Од дното до врвот е тешко, но и слатко: Миеше чинии после тренинг, а сега ќе игра финале на ЛШ

Тежок е лебот фудбалски, иако тоа од страна делува многу елегантно и луксузно. Играш на огромни стадиони, пред милиони фанови, идол си на многу млади луѓе…Но, не е се така лесно. Трнлив е патот до ѕвездите. На своја кожа тоа го имаат почувствувано многу спортисти, а се потсетува и холандскиот интернационалец Вирџил ван Дајк, кој вечерва ќе игра во финалето на Лигата на шампионите против Реал Мадрид. А, некогаш…мораше да мие чинии после тренинг, за да преживее, со надеж дека еден ден ќе успее да стане фудбалер.

„Имав 16 години и моето семејство немаше премногу финансии за да вложува во мене. Морав сам да се снаоѓам. Одев на тренинг, верував во себе, но морав и да заработувам за да опстанам. После тренинг, миев чинии во еден ресторан, и тоа по пет часа секоја втора вечер. Ги издржав тие две години, затоа што силно посакував да станам фудбалер. Потоа дојде повикот од Гронинген, и се беше многу полесно“, раскажува Вирџил ван Дајк.

Од Гронинген се пресели во Селтик, потоа и во Англија. Играше за Саутемптон, а за сума од 75 милиони фунти пристигна на „Енфилд Роуд“. Тој е сега еден од најскапите дефанзивеци во Премиер – лигата, и вистински столб во одбраната на Ливерпул. Верува дека неговиот тим може вечерва да исчекори до трофејот во елитното европско клупско натпреварување.

„Ние сме во финалето. Тоа е еден меч, а играме против актуелните прваци. Реал Мадрид е можеби најмоќниот тим во светот, но и ние имаме наши адути, имаме верба во себе, и мислам дека можеме да направиме историски подвиг. Ќе дадеме се од себе во Киев“, вели дефанзивецот на Ливерпул.

 

Се вчитува...