Од Египет до Германија: Сите ракометни Мундијали на Македонија

Македонските ракометари денеска го имаат последниот слободен ден во пресрет на ракометниот Мундијал што ќе го стартуваат со петочниот дуел против Јапонија. На пет дена до стартот на новиот мундијалски предизвик, ви нудиме мало навраќање на досегашните пет настапи на македонската репрезентација на светските ракометни шампионати, од кои најдобар пласман на „црвено-жолтите“ е деветтото место освоено пред четири години во Катар.

Историјата почна да се пишува на Мундијалот во Египет пред точно 20 години, кога Македонија за првпат стана дел од елитното друштво на светскиот ракомет. Групната фаза не беше мината, но беше забележаната првата победа на Македонија на СП, над Саудиска Арабија со 28-21. На крајот, нашата репрезентација го освои 18. место на овој шампионат во земјата на фараоните.

На следниот мундијалски настап се чекаше се до 2009 година, на собирот на елитата во арените ширум Хрватска. Овој настап предизвика огромна еуфорија по извонредните игри и победите над Полска и Русија, со кои беше освоено второто место во групата и обезбеден пласман во втората рунда. Македонија на крајот го освои 11. Место на СП 2009, а историја беше испишана од страна на Кире Лазаров, кој со 92 гола стана најдобар стрелец на еден ракометен мундијал.

Македонија повторно беше дел од ракометно СП во 2013 година во Шпанија. Осминафиналето беше обезбедено со почетните победи над Чиле и Катар, по што следеа порази од Исланд и од Данска и реми со Русија. Во осминафиналето налетавме на Германија, дуел што се играше во Барселона и што Македонија го загуби со 28-23 и на крајот го освои 14. место од шампионатот.

Континуитетот беше одржан со пласманот на СП 2015 во Катар, каде македонските ракометари го остварија и најдобриот резултат. Во групната фаза беа остварени четири победи и еден пораз (од Хрватска). Следеше осминафинален дуел со Словенија, натпревар во кој среќата им го сврте грбот на нашите ракометари, па противникот славеше со 30-28. Одличните настапи во групата придонесоа Македонија да стигне до деветтото место, најдобара пласман на нашата селекција на ракометните мундијали.

Македонија учествуваше и на последното светско првенство што пред две години се одржа во Франција. Селекторот Червар се реши за промени во составот и ја оствари првата зацртана цел, освојувајќи го третото место во групата и обезбедувајќи пласман во осминафиналето. Сепак, повреди во групната фаза заработија Манасков и Миркуловски, без чија помош Македонија не успеа да и парира на Норвешка во осминафиналната пресметка во Албервил, губејќи ја осминафиналната пресметка со убедливи 34-24.

На ред е нов предизвик, овојпат со враќање на старите пропозиции и пласман на три, наместо досегашните четири најдобри селекции од групата во следната рунда. Јасно е, македонскиот менталитет е таков секогаш да се очекува нешто повеќе, така ќе биде и во наредните петнаесетина дена. Желба на сите е пласман во втората фаза во Келн, но во период на смена на генерација подеднакво важно ќе биде и да се извади некој млад играч на кој во иднина ќе може сериозно да се смета во репрезентацијата.

Се вчитува...