Од ФМП едногласни: Одиме на победа против Феникс 2010

Сезоната 2021/22 во македонската кошарка започнува со дуелот помеѓу новлијата Феникс 2010 и Академија ФМП во сабота од 14 часот во СЦ „Јане Сандански“.

„Академиците“ кои блеснаа претходната сезона и изборија место во четвртфиналето од разигрувањето за титула и полуфиналето од Купот на Македонија најавуваат победа уште на стартот на сезоната, но и претпазливост против дебитантот во лигата.

„Очекувам добар натпревар и добар почеток, после два месеци припреми со нетрпение го очекуваме стартот на сезоната. Имаме една година повеќе искуство во лигата и новите играчи одлично се вклопија во новата средина. Задоволен сум од досегашната работа на играчите и од прикажаното во подготвителниот период. Очекувам добра сезона која треба да биде понапорна од претходната, бидејки настапуваме на два фронта. Посакувам успешно да ја отвориме сезоната во сабота“, вели тренерот Александар Петровиќ.

„Играме против екипа која за првпат настапува во првата лига и сигурни сме дека ќе влезат многу мотивирани и со енергија. Станува збор за екипа која игра модерна и брза кошарка со организирана транзиција во напад и борба за секоја топка. Сепак на наша страна е квалитетот и искуството на екипата надополнета со нашата препознатлива енергија и цврста одбрана. Треба да обрнеме внимание на скок играта и дефанзивната транзиција и сметам дека победата е неизбежна. Едно можам да гарантирам, а тоа е дека не очекува возбудлив и интересен натпревар за публиката и дека ќе уживаат во добра кошарка“, изјави Славчо Темелковски.

Се вчитува...