Од готово – вересија: Пораз на Куманово на добиен натпревар во БИБЛ

Куманово го забележа вториот пораз во третиот натпревар во БИБЛ лигата откако на домашен терен загуби од Тиват со 78-83. Македонскиот состав на 3:25 до крајот на натпреварот имаа предност од седум поени, но серијата на грешки во „сино-белиот“ табор ги чинеше избраниците на Мирковски победа во „Перо Наков“.

Куманово го започна натпреварот со целосно доминација под обрачот. Гостите немаа решение за Андрејевиќ, па „сино-белите“ поведоа со 17-10. Црногорците се консолидираа во одбраната, го затворија пристапот во рекетот и преку Булатовиќ се вратија во игра, а потоа и поведоа со 23-26 по десет минути игра. Изедначениот натпревар продолжи до крајот на првото полувреме, Црногорците возвратија со добра игра под обрачот на Куманово, додека „сино-белите“ со три тројки во овој период се одржуваа во игра, за на полувремето на семафорот да стои предност од +4 (41-45) за гостинскиот состав.

Куманово заигра далеку подобро во второто полувреме. Избраниците на Мирковски ја зацврстија одбраната и не дозволуваа лесни поени, ги намалија и грешките во нападот, одолеаја и на удвојувањето во рекетот на високите играчи па пред почетокот на одлучувачката четвртина резултатот гласеше 62-62. Агресивната одбрана на „сино-белите“ направи проблеми во организацијата на нападот на гостинскиот состав, а истата резултираше со поени од несоставена одбрана кај гостите. Преку Рејли-Рос, Андрејевиќ и Зивчевиќ, Куманово направи серија од 9-2 со што стигна до предност од 71-64. Тешко стекнатата предност, избраниците на Мирковски не успеаја да ја одржат до крајот на натпреварот. Неспортската грешка на Грант, почетничките грешки во нападот и солирањето на играчите на Куманово го искористија гостите и на 103 секинди пред крајот на натпреварот изедначија на 77-77, а потоа и со две тројки стигнаа до недостижна предност.

Најрасположени во таборот на Куманово беа Кори Рејли-Рос и Александар Андрејевиќ. Американецот оствари трипл-дабл учинок од 23 поени, 10 скока и 11 асистенции, додека Србинот натпреварот го заврши со 18 поени и 8 скока. Ненад Зивчевиќ додаде 13 поени и 4 скока.

Се вчитува...