Од Канаваро и Пирло до Емре Џан – Јувентус е број 1 за слободни трансфери

Јувентус денеска го комплетира трансферот на Емре Џан, кој како слободен играч се приклучува на „старата дама“ по истекот на договорот со Ливерпул. Германецот важи за одличен фудбалер за врска и сигурно ќе биде големо засилување за Јуве, а челниците на најтрофејниот италијански клуб само го потврдија реномето на најуспешен тим за ангажирање на врвни засилувања без никаква отштета.

Серијата на звучни слободни трансфери почна во 2009 година со Фабио Канаваро, откако големиот ас реши да се врати назад во Торино три години по заминувањето во Реал Мадрид. Повредите го спречија одличниот дефанзивец да се покаже во посакуваното светло, а Јуве го освои само седмото место на табелата. „Старата дама“ реши да не го продолжи едногодишниот договор со Канаваро.

Во 2012 година на Јувентус му се приклучи Андреа Пирло, откако Милан реши да не му понуди на генијалецот нов договор верувајќи дека неговите најдобри години се веќе зад него. Пирло блесна и експресно се промовираше во лидер на тимот, освојувајќи четири скудета пред да се пресели во Њујорк сити.

Најдобриот трансфер од бизнис аспект сигурно е оној на Пол Погба, кога Французинот не виде за себе иднина во Манчестер јунајтед, па како слободен играч пристигна во таборот на „црно-белите“ од Торино. Погба веднаш блесна и се претвори во светска ѕвезда, па Јуве неколку години подоцна го продаде токму на Јунајтед за сума од 110 милиони евра.

Фернандо Љоренте со години се вбројуваше меѓу најдобрите голгетери во Примера, но Атлетик Билбао одбиваше мултимилионски понуди за овој фудбалер. Јувентус почека Љоренте да стане слободен играч, па по истекот на договорот со Атлетик успеа да го доведе во Калчо-лигата. Шпанецот за две сезони во Јуве одигра 66 натпревари, постигнувајќи 23 погодоци, по што му беше дозволено да се врати назад во татковината, во тимот на Севилја, повторно на слободен трансфер.

Во 2014 година скаутите го посочија Кингсли Коман како голем талент, а челниците на Јувентус успеаја да го убедат 18-годишниот играч на Б тимот на ПСЖ да им се приклучи. Коман не доби премногу шанси во дресот на Јуве, но италијанскиот гигант сепак успеа добро да заработи на него, продавајќи го за 28 милиони евра на Баерн Минхен (најпрвин седум милиони за двогодишна позајмица, а потоа уште 21 милион за целосно откупување на договорот).

Една година подоцна, уште едно значајно засилување без ниту едно евро како отштета. Сами Кедира пристигна од редовите на Реал Мадрид и ја донесе потребната цврстина во средниот ред, а Германецот се уште важи за еден од главните играчи на средината од теренот на „старата дама“.

Во 2016 успешно беше доведено уште едно звучно име, Бразилецот Дани Алвеш пристигна од Барселона и помогна тимот да стигне до двојна круна во Италија, како и до финалето во Лигата на шампиони. Алвеш по една година си замина од Јуве, продолжувајќи ја кариерата во ПСЖ.

Серијата беше продолжена денеска со трансферот на Емре Џан, Германецот кој доаѓа од Ливерпул и би требало да биде големо освежување на средниот ред во наредната сезона.

Се вчитува...