Од Квеирош до Сари – сите караници на Роналдо со тренерите

Кристијано Роналдо предизвика бура во Јувентус по конфликтот со Маурицио Сари, а караницата на Португалецот им послужи како повод на италијанските новинари да се потсетат на неговиот незгоден темперамент. Весникот „Газета дело спорт“ објави приказна потсетувајќи се на сите досегашни конфликти што Роналдо ги имал со тренерите, почнувајќи од оној со Карлос Квеирош кога овој стручњак седеше на клупата на Португалија.

Конфликтот кулминираше по елиминацијата на СП 2010 од Шпанија, кога Роналдо беше прашан за причините за поразот и кратко одговори: Прашајте го Квеирош.

Селекторот беше шокиран од ваквиот однос на клучниот фудбалер, со кого претходно соработуваше и во Манчестер Јунајтед, а наскоро потоа Квеирош си замина од кормилото на националниот тим.

Роналдо имаше конфликт и со Жозе Мурињо додека Португалецот седеше на клупата на Реал Мадрид. Нивниот однос го допре дното по елиминацијата од ЛШ од Барселона во 2011 година, Кристијано јавно ја критикуваше ултра-дефанзивната формација на Мурињо, а одговорот следеше веќе на следниот меч – Роналдо беше преселен на клупата за резерви против Сарагоса.

По заминувањето на Мурињо, Роналдо се скара и со Рафа Бенитез. Тој отворено ги критикуваше методите на работа на шпанскиот стручњак.

Секогаш можеш да научиш нешто од тренерите, но постојат и работи што ниту еден тренер не може да те научи, нешто што го носиш во себе. Бенитез цело време зборуваше за казни, но сакаше и да не учи нас како да шутираме, да дрибламе… Што да му одговорам на таков човек кој има тотално различно видување за фудбалот“ – истакна тогаш Роналдо.

Тој делуваше смирено со Анчелоти, потоа и со Зидан, но ситуацијата се промени откако на чело на Јувентус застана Маурицио Сари. Првата бура мина во ЛШ против Локомотив Москва, ситуацијата се влоши по дербито со Милан, а останува да се види како ќе заврши конфликтот по крајот на репрезентативната пауза.

Се вчитува...