Од нога со Лука Циндриќ: Како дете го сонував ова, и еве сум сега тука во Келн!

ЕКИПА во Келн,

Стеван Цаневски, Игор Паневски

Еден од најдобрите вардарови ракометари оваа сезона Лука Циндриќ не ја крие возбудата што за првпат ќе ја почувствува убавината на Ф4 турнирот, „здивот“ на најдобрите четири екипи во Европа. Нешто за кое сонувал уште како дете…

„Кога почнував да се занимавам со ракомет токму ова беше мојот сон. Да се најдам меѓу најдобрите европски екипи, и да се борам за титула во Европа. И, еве ме сега тука. Играме одлична сезона со Вардар и сосема заслужено сме меѓу најдобрите“ – го започна Циндриќ нашиот разговор во Келн и веднаш дополни:

„Мислам дека наша предност е што немаме некој голем притисок сега врз нас за некаков успех. Ние својот успех веќе го направивме со пласманот меѓу најдобрите четири екипи, а сега треба да го дадеме својот максимум. Како и да е, добар дел од нас за првпат се на Фајнлфор, но тоа воопшто не е важно… Со голема верба во нашите сили го очекуваме првиот натпревар, иако добро знаеме против каква екипа играме во полуфиналето“.

Како што е познато, Врањеш го посочи Лука Циндриќ како најголемо тактичко изненадување во четвртфиналето. Дали сега Барселона во полуфиналето многу посериозно ќе гледа на играта на Циндриќ?

„Факт е дека Барселона имаше голем период да се подготви за секој од нас поединечно. Знам дека добро не анализирале, но мислам дека тактиката паѓа во вода кога ќе излезеш на терен. На вакви натпревари повеќе одлучува борбата, желбата, мотивацијата… А ние носиме во себе силен мотив за успех!“ – вели Циндриќ.

Се вчитува...