Италијанската репрезентација се соочи со проблем пред баражот за СП 2022 против Македонија, откако беше одбиено барањето за одложување на натпреварите пред пресметката во Палермо закажана за 24 март.
Роберто Манчини прв се изјасни, а веднаш потоа следеше и официјално барање од претседателот на федерацијата, Габриеле Гравина, според кого беше неопходно викендот на 19/20 март да нема средби од Серија А, за селекцијата максимално да се подготви за дуелот со Македонија.
Сепак, ваквиот предлог не наиде на одобрување од челниците на Серија А, кои денеска и официјално го отфрлија предлогот на федерацијата, потврдувајќи дека 30. коло од Калчо-лигата ќе се одигра во претходно утврдениот термин.
Италија ќе ја пречека Македонија на 24 март, а победникот од овој дуел потоа ќе се сретне со победникот од мечот Турција – Португалија во директна битка за последниот билет за СП во Катар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА