Одбојкарската репрезентација на Македонија со пораз од 3:0 во сетови (25:17,25:19, 25:18) е поразена од Бугарија на отворањето на Европското првенство кое се игра во Финска, Италија, Романија и Бугарија.
Иако избраниците на селекторот Јошко Миленкоски прикажаа добра игра во трите сета, на крајот светскиот вицешампион во речиси идентично сценарио во трите сета, ја оправда фаворитската улога и славеше.
Нашите одбојкари одлично го започнаа мечот, поведоа со 0:2, потоа имаа и 2:4, но Бугарија која е светски вицешампиoн од последното СП (2025 година) резултатски се врати во игра и првото водство го имаше за 6:5.
Избраниците на селекторот Јошко Миленкоски добро играа до 16:15, по што дозволија противникот да направи серија од 5:0 и да поведе со 20:15 по што рутински го приведе сетот. На крајот Бугарија славеше со 25:17.
Вториот сет наликуваше на првиот, речиси постојано се играше поен за поен, и во финишот се влезе резултатски израмнето. Но, повторно одлучи серија на Бугарите, овој пат со 6:0 со која од 18:18 дојдоа до 24:18 и ги решија дилемите околу победникот. Вториот сет, Бугарија го освои со 25:19.
И во третиот сет, речиси идентично сценарио како и во првите два, Македонија до средината на сетот се надигруваше со светскиот шампион, по што следуваше нова серија на Бугарија без одговор.Овој пат Бугарите направија серија од 7:0 за водство од 20:13 по што беше јасно кој ќе слави на отворањето на Европското првенство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
