Одбојкарите рутински до триумф над БиХ, на ред е Турција

Македонија ја победи Босна и Херцеговина, овојпат нашите одбојкари со напор повеќе од очекуваниот, остварија вкупен резултат од 3-1 . Триумфот е сосема очекуван, но осцилациите во играта е нешто на што ќе мора да се обрне внимание пред наредниот дуел со Турција, на кој победа може широко да ги отвори вратите кон пласман на европскиот шампионат.

Репрезентацијата на Босна и Херцеговина покажа „заби“ уште на почетокот од натпреварот. Во првите минути се играше поен за поен, нашиот тим го предводеше Александар Љафтов, но немаше целосна поддршка од своите колеги. Босанците очигледно мотивирани играјќи на карта дека нема што да загубат, фатија ритам и обезбедија прва по сериозна разлика од три поени, а гостите на средината од сетот имаа и преубедливи 8-15. Македонија се врати во последен момент, спасувајќи три сет-топки и освојувајќи го почетниот дел од мечот со 27-25.

Вториот сет стартуваше со идентична игра, поен за поен како и во почетокот на натпреварот. Сепак, нашите репрезентативци влегоа во посакуваниот ритам, најпрвин поведоа со „плус три“, потоа имаа и поубедливо водство, по што рутински го приведоа сетот до крај, со конечни 25-21.

Последниот „штит“ на Босна и Херцеговина спречи максимална победа на нашите одбојкари. Во третиот сет противничкиот тим покажа карактер и мотивација, а со резултат од 23-25, обезбеди намалување на нашата предност, што предизвика дополнителна мака за македонската репрезентација.

За среќа, немаше простор за пресврт и чудо, Македонија доминантн го одигра четвртиот сет и славеше со 25-19, за значајна победа на почетокот од овој квалификациски турнир.

„Црвено-жолтите“ се наоѓаат во група со Турција и со БиХ, двата турнири се играат во Скопје, а пласман на ЕП ќе обезбеди вкупниот победник во групата, како и петте најдобри второпласирани селекции од седумте квалификациски групи. Следниот предизвик на Македонија ќе биде силната Турција, натпревар закажан за среда со почеток од 18 часот.

Се вчитува...