Одбојкарите за ЕКИПА – Треба ли да продолжи сезоната?

Продолжението на домашните одбојкарски шампионати и натаму е неизвесно. Одбојкарската федерација направи неколку консултативни состаноци и разговори со сите клубови од двете највисоки конкуренции околу можноста првенствата да бидат комплетирани. Федерацијата има јасно изразен став дека сезоната треба да заврши на терен. Испрати и предлог план до клубовите за системот и начинот на кој би биле комплетирани првенствата.

Начелно сите клубови се на став дека исходот од сезоната треба да биде добиен на терен. Сепак компликуваните протоколи и можностите клубовите да ги исполнат прават сериозна пречка во овие планови. И времето не е на страна на одбојката. Во државата треба да бидат прво олабавени мерките кои се на сила во борбата против коронавирусот, да бидат отворени салите, клубовите да имаат време за тренинзи и за подготовки, а дури потоа да се играат натпревари.

Но, што мислат одбојкарите. ЕКИПА направи мини-анкета со мислењата на двајца актуелни и еден поранешен репрезентативец, членови на трите водечки екипи во првенството, Јовица Симовски, Ристо Николов и Дарко Ангеловски. Нивните ставови се движат од желба да се биде на терен, до дилеми за можностите на клубовите да ги исполнат компликуваните услови, до ризиците по здравјето и опасностите од повреди. 

ЈОВИЦА СИМОВСКИ    ОК Вардар

Сметам дека со продолжување на сезоната ризикот би бил преголем. Прво поради заразата, а второ, повторно да се игра, скока и удира по пауза од три месеци е нов ризик. Јас не би се доведувал во опасност, ниту себеси, ниту пак семејството. Со оглед дека доволно време за подготовки нема, ризикот од повреди е преголем. Ние со репрезентацијата сме оделе и на подготовки од по 40 дена за да играме натпревари. Сега, со двонеделна подготовка не би сакал да играм. Сметам  дека и квалитетот ќе биде на ниско ниво. Според мене, апсолутно никаква добра страна нема да има од играње ова лето. Ќе почнеме од почеток како што треба од август и ќе се подготвиме како што треба повторно за убави натпревари и за одбојка.

Планот на одбојкарската федерација за мене е неприфатлив затоа што кратењето на бодовите од досегашниот дел од првенството едноставно не е фер. Маката и трудот што ги имаме вложено од почетокот на август не е фер сега да се поништат. Ако веќе вложуваме во развој на одбојката тогаш не гледам поента четири екипи да играат, а пет да престанат. Ако вложуваме тогаш редно е сите девет екипи да ризикуваме и да се бориме за промоција на одбојката.

РИСТО НИКОЛОВ     ОК Џио Струмица

Јас сакам да продолжи сезоната, ама реално гледам дека нема услови. Уште нема амин од Министерството за здравство и од комисијата, нема отворање на сали, нема предложени мерки и услови под кои би се играло. Сакам да се доигра бидејќи не сакам да биде поништено првенството (а мора да биде ако не се доигра, бидејќи разликата е многу мала во бодови, а нема ни 50 проценти одиграни натпревари), не сакам титули на маса, сакам на терен. Следната година можеби повторно ќе се активира вирусот и ќе има прекин, можеби и ние ќе завршиме први и нема да личи да се доделува титула на маса. Ми се допаѓа тоа што направија ракометот и кошарката, а ми се допаѓа и желбата на нашата федерација да се доигра.

Реално ако не се отворат салите ни оваа недела, веќе нема време и услови да се доигра, дури да се спремат екипите треба најмалку три недели и да се игра уште три до четири недели тоа би било во пеколни температури во нашите сали баш пред почеток на следна сезона. Ако и овие денови нема подобрување на состојбата, најважно би било веднаш федерацијата и клубовите да се подготват за наредна сезона за сите можни начини на одигрување на натпреварите и одржување на тренинзите со сите најавени услови и препораки, по кои верувам дека ќе се одвиваат сите спортски активности во наредните сезони, за жал.

ДАРКО АНГЕЛОВСКИ    ОК Универзитет Тетово

Јас лично сум за да се продолжи шампионатот, а со ова се согласува и целата екипа и менаџментот на клубот. Доколку бидеме доведени во ситуација за шампионската титула да се решава на маса, сепак сум против тој принцип и сум за решавање на тоа прашање исклучиво на спортските терени. Во изминатиов период екипата на ОК Вардар јасно ја изрази својата желба да биде прогласена за шампион со само 9 натпревари од првиот дел на сезоната и три одиграни натпревари од летниот дел на сезоната, во кој дел мојот тим имаше максимален учинок и победа над лидерот ОК Вардар на гостински терен.

Нашата квалитетна екипа и прикажаното ми дава за право да се надевам на максимален учинок и влез во плеј-оф делот со најдобра позиција. Потребно е спортско и фер решање на овој проблем од страна на ОФМ, односно заеднички обид за успешна организација на доигрувањето на шампионатот според препораките и мерките кои впрочем воопшто не беа испочитувани од страна на домаќинот ОК Вардар на последниот наш натпревар во СРЦ Кале. Сите што бараат спортски фер-плеј и сериозен пристап за ситуацијата мора да сфатат и да прифатат дека шампионските титули се добиваат со победи и исклучиво на терен.

 

Се вчитува...