Одбојкарските прволигаши сакаат сезоната да продолжи, пресуден ќе биде протоколот за тренинзи и натпревари

Одбојкарските клубови од домашниот шампионат постигнаа консензус да го продолжат прекинатото првенство поради кризата со коронавирусот, но се во очекување на медицинскиот протокол според кој ќе треба да се одржуваат тренинзите, а потоа и натпреварите. Клучно за одлуката дали ќе има продолжение на сезоната ќе биде тоа дали домашните екипи ќе бидат во можност да ги исполнат бараните услови.

На последните консултации со клубовите и Федерацијата заеднички став било дека најдобрата варијанта е сезоната да биде комплетирана на терен, но со строго почитување на здравствените протоколи со што би било заштитено здравјето и на одбојкарите и одбојкарките и на сите останати лица вклучени во одржувањето на натпреварите.

Опцијата која е во игра, ако има одлука за рестарт, е сезоната да продолжи во втората половина од јуни и  конечниот исход да биде познат до крајот од јули. Претходно клубовите би имале одреден оптимален период за тренинзи.

Сето ова секако во најголем дел ќе зависи од состојбата со коронавирусот во државава и мерките што ќе ги одредат здравствените власти и владата. И одбојкарите ќе треба да добијат протокол исто како и фудбалерите. Фудбалските клубови вчера ги добија деталите и сите услови кои треба да бидат исполнети за да почнат со тренинзи, а потоа и со натпревари.

Се вчитува...