Одбраната на Вардар на нов европски испит во Трондхајм

Македонскиот првак Вардар вечерва (19 часот) во Трондхајм ќе го одигра вториот натпревар од групната фаза во Лигата на Европа. Противник е норвешкиот тим Розенборг, кој има многу поголемо искуство на меѓународната сцена, но исто така имаше многу слаб старт во групата. Розенборг загуби со 4-0 на гостувањето кај Реал Сосиедад, додека Вардар беше поразен со 0-5 дома во Скопје од рускиот Зенит.

Вечерва одбраната на Вардар ќе има нов голем испит во Европа. Потклекна тотално против Зенит, беше натскокана, разбиена од Кокорин, Ѕјуба и останатите фудбалери на Зенит, а вечерва ќе се соочи со Никлас Бендтнер, некогашниот напаѓаќ на Арсенал и на Јувентус. Тој е исто така одличен во воздушните дуели.

„Сите го знаеме Бендтнер кој што има играно во големи клубови, има многу вакви натпревари, но исто така Розенборг е екипа која што поседува одлични играчи во средината на теренот“, анализира тренерот Чедомор Јаневски.

Вардар против Зенит потфрли и во организацијата на играта. Русите умееја да го сопрат Фелипе, а кога тој не игра на своето ниво, тогаш и играта на „црвено-црните“ чкрипи. Јаневски ќе се обиде да најде соодветна противигра за брзите и агресивни фудбалери на Розенборг.

„Имаме респект за нашиот противник, затоа што има огромно искуство со европски натпревари. Но, ние веруваме во нашиот квалитет и веруваме дека можеме да стигнеме до позитивен резултат. Не би сакал никого да издвојам од противничката екипа, бидејќи тие се добри како колектив. Ги гледавме неколку пати оваа сезона, направивме добра анализа. Подготвени сме да се надигруваме со противникот“, порачува шефот на стручниот штаб.

Вардар ќе мора да одговори многу поагресивно во битката во воздухот и да постави многу поцврста одбрана за разлика од дуелот со Зенит. Во Европа нема импровизации и секоја грешка скапо се плаќа.

Се вчитува...