ОДБРОЈУВАМЕ ДО ЕП 2026: Љафтов е единствениот кој ги одиграл сите сетови за Македонија досега на европските првенства!

Македонските одбојкари во четвртото учество во низа на ЕвроВолеј овој месец играат во најсилната група – групата Б, во Софија.

„Пеколно“ друштво ќе имаат нашите момци со оглед на тоа дека ќе се соочат со домаќинот Бугарија – актуелен светски вицешампион, потоа Полска – актуелен европски првак, кој потврди дека во одлична форма влегува во одбрана на титулата откако минатиот месец ја освои ФИВБ Лигата на нации. Потоа следат Украина, Израел и Португалија, селекции со кои имаме и позитивно и негативно искуство.

Одбројувајќи пред настапот на македонските одбојкари на ЕП, од ОФМ издвојуваат неколку факти кои треба да се знаат.

Дури шестмина репрезентативци кои се во актуелниот состав на машката репрезентација и се подготвуваат за ново учество на еден континентален собир, ЕП 2026 имаат настапувано и на претходните три европски првенства на кои играше Македонија.

Најискусниот Владо Милев, Александар Љафтов, капитенот Никола Ѓоргиев, Стојан Илиев, Филип Маџунков и Ѓорѓи Ѓоргиев се играчите кои настапиле и на ЕП во 2019, 2021 и 2023 година.

Од нив Милев и Љафтов може да се пофалат дека немаат пропуштено натпревар, односно играле на сите 16 досегашни дуели на континенталните собири, додека Александар е единствениот кој ги играл сите сетови, 54., Милев има два помалку, односно 52 одиграни сета.

Во продолжение и други интересни факти и податоци за македонската репрезентација на нејзините настапи на ЕвроВолеј.

  • За Македонија ова е четврти настап на ЕвроВолеј, по учествата во 2019, 2021, 2023 година;
  • Македонија на ЕвроВолеј 2026 се пласираше како петтопласирана репрезентација меѓу второпласираните селекции во квалификациската фаза. Во својата квалификациска група победи на натпреварите против Грузија, а ги загуби двата дуели со победникот во групата, Грција;
  • Најголемиот успех на репрезентацијата на ЕвроВолеј е во 2023 година кога ја мина групната фаза и стигна до осминафиналето, каде загуби со 3-0 од Италија во Бари;
  • На досегашните 16 натпревари на ЕвроВолеј Македонија има биланс од четири победи и 12 порази. Последните четири натпревари ги заврши со пораз од 3-0, што е и најдолга серија на порази со ваков скор;
  • На ниту еден од 16. натпревари кои нашите одбојкари ги играле на ЕП не стигнал до петти сет. Единствена друга репрезентација која никогаш нема играно петти сет на ЕвроВолеј е Шкотска – седум натпревари, сите во 1971;
  • Капитенот Никола Ѓоргиев е најдобар поентер на Македонија на Европските првенства со 244 поени. Тој бил најдобар поентер на сите ЕП досега, во 2019 (96 поени), 2021 (74 поени) и 2023 (74 поени);
  • Средниот блокер Филип Маџунков го држи рекордот за најмногу ас-сервиси на еден натпревар на ЕвроВолеј: 11 ас-сервиси против Русија во поразот на Македонија со 0-3 во Љубљана, во 2019 година;

Се вчитува...