ОДБРОЈУВАМЕ ДО ПАЛЕРМО: Пет фудбалери по кои Италија ја препознава Македонија, и зошто!?

Македонија ја очекува веројатно најголемиот фудбалски настан во историјата. Македонската репрезентација за првпат во својата речиси 30-годишна независна историја е на чекор до пласман на Светско првенство. Бараж-натпреварот со Италија во Палермо на 24. март од плејофот за место на Мундијалот во Катар е сигурно најголемиот фудбалски предизвик на земјата во историјата. Токму затоа, одбројувајќи до 20:45 часот на 24. март и дуелот на „Ренцо Барбера“, ги одбележуваме најзначајните лица и настани кои, на некој начин, имаат свој дел од мозаикот на патот до Палермо.

=========================================================================================================

Само девет Македонци во историјата имале можност да запишат официјален настап во Серија А. Сепак, некако се издвојуваат пет кои, на еден или друг начин, останале запаметени за Италијанците и италијанскиот фудбал. Почнувајќи од Дарко Панчев кој и денес е тој кој го држи рекордот на највисок финансиски трансфер на еден македонски фудбалер во историјата, преку најголемиот по кој не знае Италија, Горан Пандев, па се до Елиф Елмас кој во моментов вистински го гради својот пат кон европските ѕвезди.

1. Горан Пандев (2003-14; 2015-) – (Анкона, Лацио, Интер, Наполи, Џенова)
Настапи: 491, Голови: 101


Горан Пандев е без сомнение најголемото македонско фудбалско име со најсилна трага во италијанскиот фудбал. Од 2001 година кога како тинејџер за 250.000 евра се сели од Беласица во Интер, цели 20 години е дел од италијанскиот фудбал. Во Серија А има 491 одигран натпревар со постигнати 101 погодок што го сместува и воопшто меѓу фудбалерите кои оставиле најголема трага во Серија А. Највисок негов финансиски трансфер е преодот од Интер во Наполи за 12,5 милиони евра, ако се знае дека од Лацио во Интер во 2006 година, пак, премина како слободен агент.

2. Дарко Панчев (1992-1993; 1994-95) – (Интер)
Настапи: 19, Голови: 3


Дарко Панчев е фудбалерот кој и денеска го држи рекордот на највисок трансфер во историјата на еден македонски фудбалер. Пред точно 30 години, кога фудбалери од рангот на Диего Марадона, Марко Ван Бастен, Жан Пјер Папен или Ромарио, се купуваа за десеттина милиони евра, за трансферот на Панчев од Црвена Звезда милански Интер плати тогаш неверојатни 24 милиони марки, или 12 милиони евра. Цели три години македонската „Кобра“ беше во ТОП 5 најскапи фудбалери на светот. Колку за појасна слика, согласно прецизните финансиски аналитики за вредноста на фудбалерите, а повлекувајќи паралела со тоа време, за точно 30 години од тогаш вредноста на најскапиот светски фудбалер е зголемена за 19 пати. Што би значело дека во моментов Дарко Панчев, со таа сума која Интер ја плати за него, би вредел околу 200 милиони евра. Токму по тој трансфер, Панчев е апсолутно ненадминлив за македонски услови, иако потоа не се наигра во дресот на „нераѕурите“, завршувајќи со 19 официјални настапи во Серија А и само три постигнати погодоци.

3. Елиф Елмас (2019-) – (Наполи)
Настапи: 88, Голови: 5


Македонскиот „Дијамант“ е единствениот од оваа листа кој само што е на почеток на своите ѕвездени денови во Италија и во Европа. Со трансферот од Фенербахче во Наполи во 2019 година, за сума од 16 милиони евра, и тоа како го привлече вниманието на Европа. А, со изданијата во дресот на „наполитанците“ и потоа и тоа како ја потврди исправноста на одлуката на Анчелоти да го доведе во Неапол. Во моментов ја игра најдобрата своја сезона во Италија, низ борбата и за свој прв шампионски трофеј во Серија А.

4. Илија Несторовски (сезона 2016-2017; 2019-) – (Палермо, Удинезе)
Настапи: 88, Голови: 16


Најславните денови на Илија Несторовски во Серија А се во дресот на Палермо каде во сезоната 2016/17 постигна и 11 погодоци, останатите пет се изминативе две сезони во дресот на Удинезе. Но, по повредата минатата година веќе е далеку од првиот тим на Удинезе, буквално без минутажа, поради што и е надвор од националниот тим во моментов.

5. Aлександар Трајковски (2015-17) – (Палермо)
Настапи: 43, Голови: 4


Александар Трајковски запиша две забележителни сезони во дресот на Палермо во италијанската Серија А. Остана запаметен за навивачите на Палермо, каде сега ќе се игра бараж-пресметката со Италија. Во две сезони имаше 43 натпревари во Серија А, но по финансискиот колапс на тимот од Палермо, како слободен играч се пресели во шпанска Мајорка.

Се вчитува...