Одлични 40 минути, па убедлив пораз од Египет во Каиро

Ракометната репрезентација на Македонија претрпе пораз од 32-25 на првиот од двата пријателски натпревари што ќе ги одигра со селекцијата на Египет. Селекторот Лазаров може да биде задоволен од прикажаното во првите 40 минути, кога целосно му париравме на големиот фаворит, но не и од огромниот пад во завршницата во која „фароните“ стигнаа до убедлив триумф. Митревски беше одличен на голот, во нападот во добро светло се покажа Филип Талески, но бекот на Вардар беше недоволен за да се изненадат „фараоните“, а токму бројните грешки во офанзива на нашата селекција им овозможија на противниците со лесни голови на спротивната страна да стигнат до убедлива победа.

Дуелот почна со исклучување на Филип Миркуловски уште во првата минута, при премиерниот напад на домашната селекција. „Фараоните“ поведоа, но одбраната на чело со голманот Митревски беше на високо ниво, па по голот на Талески по пет минути игра резултатот гласеше израмнети 1-1. Добрата дефанзива овозможи и прво водство на Македонија на истекот на осмата минута, кога Талески погоди од уште една полуконтра, за предност од 2-3. Храбрата игра овозможи контрола на резултатот до средината на полувремето, Митревски на серијата одбранети удари додаде и запрен пенал при резултат 4-5, за Пешевски да реализира на спротивната страна за водство на Македонија од 4-6.

При овој резултат беше промашен „зицер“ за „плус три“, Митревски одбрани уште еден пенал, но поради се почестите грешки во нападот Египќаните набрзина израмнија на 6-6, резултат со кој се влезе во последните десет минути од полувремето. Обидот на Филип Кузмановски заврши во гредата, по што Египет во 21.минута по подолга пауза се врати во водство, поведувајќи со 7-6, по што следеше и првиот тајмаут на натпреварот на Кире Лазаров. Веднаш по тајмаутот следеше загубена топка, разликата до крајот на полувремето се движеше меѓу еден и два гола за Египет, по што на одмор се замина со 12-10  за „фароните“ ,со погодокот што го постигна Али Зеин пред самиот финиш на полувремето.

Македонија заигра нешто подобро на самиот старт од вториот де, успевајќи да израмни на 13-13 со рутинската реализација на Талески. Новата мини-серија на домаќините за нивно водство од 16-14 го налути Лазаров, кој експресно побара нов тајмаут, по што на теренот ги врати Пешевски, Миркуловски и Кузмановски. Нашата селекција успеа да стигне до израмнување (16-16), покажувајќи дека нема намера да се откаже во битката за победа. Сепак, дојдоа лоши неколку минути во играта на македонските ракометари, што „фароните“ го искористија за првпат на мечот да поведат со три гола предност (21-18, 44. минута). Проблемите во нападот стануваа се посериозни, па Египет со нов гол од контранапад поведе со 22-18, резултат при кој Лазаров на голот го уфрли Томовски на местото на одличниот Митревски. Следеше нова загубена топка во напад и нов лесен гол од контранапад, по што Лазаров при водство на противникот од 23-18 го побара и својот последен тајмаут на мечот.

Серијата на противникот беше прекината со гол од контранапад на Филип Талески. Сепак, во финишот од мечот се разбрани и египетскиот голман, по што „фараоните“ на крајот стигнаа до преубедлив триумф од 32-25, по голот од пенал што во последната секунда го постигна Цветан Кузманоски.

Вториот дуел од двомечот меѓу Египет и Македонија во Каиро е закажан за утре, со почеток во 17 часот.

Се вчитува...