Одлични вести од Љубљана: Танде се разбудил од кома и веќе разговарал со своето семејство

По страотниот пад на Планица пред неколку дена, Даниел Андре-Танде е разбуден од индуцирана кома. Тој сè уште е во болницата во Љуљана, но неговиот напредок е многу задоволителен. Танде во петокот претрпе сериозен пад при скок, по што итно беше пренесен во болница во Љубљана.

Во саботата беше објавено дека тој е во кома, но надвор од животна опасност, а по неколку денови од падот, тој е буден и заздравувањето напредува одлично.

„Претходната вечер беше постигнат голем напредок и сега тој е буден и дише самостојно. Сè е во ред, неговото семејство пристигна и тој разговараше со нив“, објави денес д-р Гури Ранум.

Неговата мајка и сопруга пристигнаа во Словенија во неделата, па денес беа најсреќни гледајќи го Танде свесен и буден.

„Беше одлично што утрово можевме да го посетиме Даниел и дека тој беше буден и свесен. Зад нас се неколку болни и тешки денови на чекање. Но, одлично е да се знае дека тој имал најдобра можна грижа и мир. Лекарите го гледаа како крал. Не можевме да замислиме подобра комуникација со лекарите кои не информираа за секој детал. За тоа сме им бескрајно благодарни на сите. Сега би сакале Даниел да го вратиме дома во Норвешка“, рече семејството на Танде.

Се вчитува...