Одложен стартот на АБА, МЗТ Скопје и Работнички тргнуваат од 1 октомври

Се поголемиот број на заразени лица од Covid-19 низ државите од поранешна Југославија придонесе да дојде до одлагање на стартот на новата сезона од АБА-лигата, која наместо на 19 септември ќе почне на 3 октомври. Регионалното натпреварување денеска одржа ново „онлајн-собрание“, при што беше донесен заеднички заклучок дека треба да се извршат што подобри подготовки за заштита на сите кошаркари од коронавирусот.

Токму затоа, донесена е одлука за формирање на специјална комисија од еминентни лекари, чии препораки ќе се следат за што поефикасна борба на АБА-лигашите со коронавирусот. Во следниот период ќе бидат обелоденети сите мерки што ќе мора да бидат преземени, се со цел да се зголеми безбедноста на актерите на теренот.

Во елитното друштво на АБА повторно ќе нема место за екипи од Македонија, но затоа за првпат ќе се случи во АБА2 да имаме две екипи од нашата земја, МЗТ Скопје и Работнички, кои со најновото одлагање стартот на новата регионална авантура ќе го имаат на 1 октомври.

Се вчитува...