Одлуката е донесена: Мурињо добива отказ како и да заврши мечот со Њукасл

Судбината на Жозе Мурињо е запечатена, португалскиот стратег ќе добие отказ од Манчестер јунајтед дури и во случај на победа на денешниот натпревар со Њукасл. Ова го тврди весникот „Мирор“ повикувајќи се на извори од управата на натрофејниот англиски клуб, која смета дека ваквиот потег е неизбежен.

Не станува збор само за резултатите, туку пред се за негативноста што Мурињо за нешто повеќе од еден месец ја рашири низ целиот клуб, префрлајќи вина кај голем дел од фудбалерите, но и влегувајќи во конфликт со највисокото раководство поради недоволната активност во летниот преоден рок. „Специјалниот“ успеа да се скара и со новинарите, па и најверните навивачи ја загубија вербата дека овој стратег може да го најде излезот од кризата за нивниот клуб.

Поради ова е донесена и одлуката за разделба, што според „Мирор“ може да се очекува во наредните 48 часа. Со оглед на фактот дека по ова премиерлигашко коло ќе следи пауза поради репрезентативни настапи, „ѓаволи“ ќе можат без притисок на времето да ангажираат нов врвен стратег, а потоа и нему да му дадат краток период за адаптација до првиот натпревар по паузата, дербито со Челси закажано за 20 октомври.

Се вчитува...