Одлуката е донесена: Пирло го напушта Јувентус

Андреа Пирло не ги оправда очекувањата на Јувентус и дефинитивно нема да остане на клупата на „старата дама“ и за наредната натпреварувачка сезона. Оваа одлука е веќе донесена, а единствената дилема е дали Пирло воопшто ќе го дочека крајот на сезонава, по серијата слаби игри на Јуве под негово водство на последните натпревари.

„Старата дама“ забележа само една победа во последните три кола, па не само што нема шанси за титулата, туку Јувентус сега ќе мора да се бори за место во ЛШ во самиот финиш од сезонава. Трендот на слаби игри мора да биде запрен, а доколку тоа не се случи и ако Јуве не слави на следниот дуел со Удинезе, Пирло веднаш ќе добие отказ. Во таа варијанта, на клупата на Јуве до крајот на сезонава ќе остане неговиот досегашен помошник, Хрватот Игор Тудор.

Андреа Ањели го преживеа бранот на незадоволство во бордот на директори и меѓу навивачите, но претседателот на Јуве е свесен дека веќе нема простор за експерименти бидејќи во иднина и неговата функција ќе биде сериозно загрозена. Поради ова, Ањели е подготвен да го врати на клупата Масимилијано Алегри, тренерот што освојуваше со Јуве се што може да се освои на домашната сцена, стигнувајќи и до две финалиња во Лигата на Шампионите.

Се вчитува...