Жестока одмазда, демонстрација на моќ, рапсодија против Ерменија: По 16 години освоен Ереван!

Македонската репрезентација одигра извонреден натпревар во Ереван славејќи против Ерменија во 9. коло од Групата Ј во квалификациите за СП 2022 со убедливи 0-5 (0-2), на тој начин со првиот хет-трик за Енис Барди во репрезентативната кариера, жестоко одмаздувајќи се на Ерменците за претходните два порази во Ереван од 4-1 и 4-0.

Македонија, по цели 16 години, успеа да слави во главниот град на Ерменија, по онаа победа од 1-2 под водство на Слободан Сантрач во 2005 година кога двоен стрелец беше Горан Пандев.

Тотална доминација на избраниците на Благоја Милевски кои одиграа тактички беспрекорен дуел во формација 4-2-3-1, со Стефан Ашковски на десната бековска позиција на местото на Стефан Ристовски, кој паузираше поради картони.

И токму првиот гол за водство на избраниците на Благоја Милевски е дело на Ашковски кој одлично продре по десната страна и асистираше на Трајковски кој од непосредна близина во 22. минута погоди за 0-1.

Во продолжението Ерменците се обидуваа да дојдат до израмнување, но повторно одлична акција на Македонија која по асистенција на Елиф Елмас со прекрасен удар од 18 метри ја завршува во 36. минута капитенот Енис Барди за 0-2.

 

До крајот на полувремето, Елмас уште еднаш мајсторски го проигрува Трајковски во 42. минута, но ударот на фудбалерот на Алборг од 7-8 метри го брани домашниот голман, за конечни 0-2 на полувремето.

Второто полувреме почна онака како што заврши првиот дел. Македонија со рутинска контрола на играта во средината, се до 66. минута кога Чурлинов мајсторски го проигрува во домашниот шеснаесетник Енис Барди кој е соборен од Хамбарџумјан за оправдано досуден пенал. Самиот Барди прецизно стрела од 11 метри во 67. минута за 0-3.

И, тука не се застанува. За да биде вистински прекрасна македонска ноќ во Ереван се погрижи Милан Ристовски во 79. минута кога по втората асистенција на Елиф Елмас мајсторски шутираше откосо од 15 метри постигнувајќи го својот прв официјален погодок во дресот на Македонија.

И на крајот, сето тоа заокружено со хет-трикот од пенал на Енис Барди во 90. минута. Алиоски беше соборен во шеснаесетникот на Ерменија, а сигурен реализатор од белата точка капитенот Енис Барди за конечни 0-5.

 

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2022 – ГРУПА Ј (9. коло)
ЕРМЕНИЈА – МАКЕДОНИЈА 0-5 (0-2)
Стадион „Вазген Саргсјан“ во Ереван. Гледачи: 6.000. Главен судија: Хозе Марија Санчез (Шпанија). Стрелци: Трајковски 22′, Барди 36′,67′(п)90′(п), М. Ристовски 79′ (М). Ж. картони: Костадинов (М).
ЕРМЕНИЈА: Јурченко, Хамбарџумјан, Тертерјан, Калисир, Хофханисјан (46′ Маргарјан), Удо, Мкхитарјан, Зелерајан, Барсегјан (73′ Н. Григорјан), Варданјан (46′ Григорјан), Бриаско (73′ Гелојан)
Селектор: Жоакин Капарош
МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ашковски (83′ Тодоровски), Муслиу, Велковски, Алиоски, Костадинов (83′ Атанасов), Барди, Елмас (83′ Миовски), Трајковски (64′ Спировски), Чурлинов (77′ К. Ристевски), М. Ристовски
Селектор: Благоја Милевски

Се вчитува...