Офанзивно против Летонците: Тричковски и Трајковски ќе бидат стартери во Рига

ЕКИПА во Летонија,

Никола Ѓуровски

Австријците им дадоа шест гола, па иако и нас не декласираа во Скопје, сепак, јасно е дека Летонците се најслабата селекција во нашата квалификациска група за пласман на ЕП 2020. По ремито во Израел (1-1) македонскиот национален тим е пред императив за победа в понеделник во Рига, а селекторот Игор Ангеловски подготвува многу поофанзивна формација. Иван Тричковски и Александар Трајковски треба да бидат дел од стартниот состав и да им создаваат мака на Летонците по крилните позиции. Капитенот Горан Пандев, идентично како и против Израел, го мачи болка во слабините и многу веројатно дека повторно ќе остане на клупата и ќе добие минутажа во второто полувреме. Но, можно е и да биде стартер доколку здравствената состојба тоа го дозволи.

Македонија е фаворит на дуелот со Летонија, ќе треба да наметне своја игра уште од самиот старт, а тоа носи и уште една дилема за селекторот Ангеловски. Дали да постави многу поофанзивно ориентирани фудбалери и на страничните позиции. Алиоски е секако „гол ориентид“ од левата страна, а опцијата е Марјан Радески да ја заземе десната бековска позиција наместо Егзон Бејтулаи. Тој е напаѓач, но одлично се снајде во една ваква улога и на гостувањето против Италија во Торино, во минатите квалификации, кога Македонија ремизираше 1-1 против „аѕурите“.

Селекторот Ангеловски ќе има два тренинга за да ги разреши сите дилеми и да ги одреди стартните 11 за мечот в понеделник против Летонија.

Се вчитува...