Официјално: Андреј Маслинко е нов играч на ТФТ

Еден од најдобрите млади македонски кошаркари по три сезони поминати во редовите на МЗТ Скопје ги промени клупските бои и во иднина ќе го носи „црно-белиот“ дрес на ТФТ откако и официјално ги потврди најавите на ЕКИПА и постигна договор за соработка со клубот од Тафталиџе.

Дваесетичетири годишниот крилен центар покрај МЗТ Скопје настапуваше и за Работнички, а претходната сезона мораше да ја заврши порано поради тешка повреда. Маслинко во ТФТ доаѓа како големо засилување за тимот кој покрај домашната сцена во следната сезона ќе се бори и во БИБЛ лигата и Еврокупот на ФИБА, а очекувањата се да биде еден од клучните играчи во тимот на Боро Смилковски.

„Потписот со Андреј Маслинко е ‘next thing’ за нашиот клуб. Пресреќни сме што успеавме да договориме соработка со еден од најперспективните играчи во македонската кошарка и во него гледаме носител на играта во сезоната која следи во која исто така ќе играме и на интернационалната сцена. Верувам дека ова е вистинско време за него да блесне и да го покаже целиот свој потенцијал“, изјави за ЕКИПА, Боро Смилковски.

Маслинко е вториот Македонец кој оваа сезона постигна договор со тимот од Тафталиџе по Виктор Ташковски. Покрај нив клубот го осигура потписот и на Јован Моринг, Еј-Џеј Џон, а покрај домашните играчи соработката ја продолжија и Амир Смит, Ландриус Хортон и Брендон Бејли.

Се вчитува...