Поранешниот капитен на Шкендија и поранешен македонски репрезентативец, Артим Положани, е назначен за нов шеф на стручниот штаб на тетовските „црвено-црни“ за претстојната сезона.
Положани е добро познато име за навивачите на Шкендија. Како активен фудбалер, тој помина вкупно седум сезони во клубот (од 2004 до 2006 и од 2012 до 2017 година), период во кој успеа да го освои и трофејот во Купот на Македонија. Во својата богата играчка кариера во домашниот шампионат настапуваше и за екипите на Башкими, Македонија ЃП и Вардар, а градеше и меѓународна кариера во Албанија, Германија, Хрватска и Русија. За најдобрата македонска репрезентација забележа 14 настапи во периодот од 2007 до 2015 година.
Тренерскиот пат на Положани започна во 2020 година во тимот на Партизани од Тирана. Потоа работеше во косовскиот прволигаш Балкани како асистент и како главен тренер, а неговиот последен ангажман пред враќањето во Тетово беше во албанскиот Фљамуртари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
