Официјално: Баерн го купи Сабицер, Лајпциг носи замена од Барса

Баерн Минхен го официјализираше трансферот на Марсел Сабицер, кој од денеска е нов член на баварскиот гигант по преселбата од таборот на Лајпциг. Баварците сериозно го ослабеа директниот ривал за висок пласман, најпрвин го договорија дефанзивецот Упамекано, потоа го ангажираа и тренерот Нагелсман, за денеска да се засилат и со Сабицер.

Лајпциг отпрвин не сакаше да го продаде овој фудбалер на директен ривал од Бундес-лигата, но фактот дека актуелниот договор на Сабицер истекуваше за 10 месеци сериозно ја искомпликува состојбата, па на крајот беше дадено зелено светло за ангажман на австрискиот ас.

„Среќен сум што доаѓам во Баерн. Како дете навивав за овој клуб, секој Божиќ добивав дрес од Баерн, а сега со гордост ќе го носам бранејќи ги боите на омилениот тим“, изјави Сабицер по потписот на четиригодишниот договор.

Лајпциг веќе го договори и наследникот на Австриецот, како засилување за средниот ред. Станува збор за Илаиш Мориба, младиот суперталент на Барселона кој слично како и Сабицер има договор само до крајот на сезонава. Поради ова, Барса е принудена да ја прифати понудата од 15 милиони евра, а Мориба веќе утре би требало да го потпише договорот со Лајпциг.

Се вчитува...