Работнички продолжува со екипирање на новата сезона, а последен кој го засили таборот на македонскиот најтрофеен кошаркарски тим е Филип Бакоч. Крилниот центар потпишува на две сезони и се очекува да биде еден од клучните играчи во обидот за враќање на славата.
Поранешниот младински репрезентативец „црвено-белиот“ дрес ќе го облече по сезона помината во Академија ФМП каде на домашната сцена во просек бележеше 13.6 поени, 7.0 скока и 2.1 асистенција, притоа два пати наоѓајќи се во изборот на ЕКИПА за најдобар играч на колото во плеј-аутот. За „академиците“ настапи и на шест средби во БИБЛ лигата каде неговиот просек изнесуваше 5.5 поени, 4.8 скока и 1.2 асистенции.
Дваесетишестгодишникот кој во минатото ги бранеше боите на Карпош Соколи, АВ Охрид, Еуро Никел и МЗТ Скопје оваа сезона беше трансфер цел на неколку прволигаши, но на крајот изборот падна на Работнички.
Интересно, Бакоч е вториот кошаркар кој од Академија ФМП ова лето премина во Работнички по центарот Леонид Тодоровски. Претходно клубот го засилија и три странци: Нотиџ, Крафорд и Мариновиќ, а во меѓувреме беа потпишани и договори со перспективните млади кошаркари кои минатата сезона настапуваа за развојниот тим.
View this post on Instagram
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА