Официјално: Фленсбург новиот тренер го најде во Данска

Фленсбург го реши тренерското прашање за наредната сезона откако постигна целосен договор со Данецот Николај Крикау. Челниците на Фленсбург минатиот месец го отпуштија Мајк Макула, кој го водеше тимот од 2017 година, но мораше да си замине по серијата слаби резултати на тимот.

Како опции се споменуваа повеќе германски и странски стратези, за на крајот изборот да падне врз Крикау, стратегот што со тимот на ГОГ оствари извонреден успех пласирајќи се во четвртфиналето од Лигата на Шампионите. Тој денеска потпиша тригодишен договор со Фленсбург, почнувајќи од 1 јули 2023 година.

„Во Николај Крикау најдовме талентиран и амбициозен тренер кој е идеален за нас. Неговата ракометна филозофија целосно се поклопува со нашите идеи за иднината. Во новата сезона во тимот ќе има многу ракометари кои ги познава од времето во Данска, така што веруваме дека нема да му биде потребно многу време за адаптација“, изјави првиот човек на клубот, Холгер Гландорф.

Се вчитува...