ОФИЦИЈАЛНО: Италија – Македонија на „Ренцо Барбера“ во Палермо!

Македонија полуфиналето од баражот за пласман на СП 2022 против Италија ќе го игра и официјално на стадионот „Ренцо Барбера“ во Палермо.

Италијанската фудбалска федерација вечерва и официјално одлучи бараж-дуелот да се игра во Палермо, што е еден вид изненадување и за италијанската јавност ако се знае дека „аѕурите“ досега натпреварите ги играа главно во Рим, Милано, Торино, Фиренца, Џенова.

„Се сретнавме со Роберто Манчини и го одбравме Палермо. Почнуваме една нова фаза за италијанската репрезентација, по освоената европска титула оваа година, и таа приказна сакаме да ја почнеме од Палермо“ – информираше претседателот на Италијанската фудбалска федерација, Габриеле Гравина.

Италијанската репрезентација во Палермо досега има одиграно 15 натпревари, со 13 победи, едно реми и еден пораз, последниот во 2019 година со Ерменија во кој триумфираа со 9-1. Единствениот пораз е од Хрватска а ремизирале со Чешка.

Полуфиналето од баражот за пласман на СП 2022 меѓу Италија и Македонија се игра на 24. март следната година со почеток од 20:45 часот.

Се вчитува...