Официјално: Кокошков е наследникот на Обрадовиќ во Фенербахче

Игор Кокошков од денеска и официјално е нов тренер на Фенербахче, откако српскиот стратег го стави потписот на тригодишниот договор со турскиот кошаркарски гигант. Поради финансиски проблеми Фенер ќе го намали буџетот во однос на претходните години, тоа беше причина од клупата да си замине Жељко Обрадовиќ, а изборот на управата на турскиот гигант падна врз нов српски стратег.

Кокошков доаѓа во Истанбул по неколку години минати во НБА-лигата. Последен ангажман му беше како помошен тренер во Сакраменто, откако претходно извесно време мина и како шеф на стручниот штаб на Феникс. Најголем успех на овој стручњак, кој моментно е и селектор на Србија, е златниот медал што како кормилар на Словенија го освои на Евробаскет 2017.

„Пресреќен сум што станувам дел од семејството Фенербахче, благодарност до сите оние кои ми ја дадоа оваа шанса. Свесен сум за историјата и традицијата на овој клуб, за базата на навивачи што Фенер ја има низ цела Европа, што го прави еден од најголемите клубови во светот. Токму затоа, чувствувам обврска да дадам се од себе за овој тим да продолжи да биде успешен како и досега“, изјави Кокошков по потписот на договорот.

Се вчитува...