Официјално: Манчестер Сити го потпиша Аканжи пред крајот на преодниот рок

Манчестер Сити делува моќно на стартот од сезонава, но Пеп Гвардиола не запира со засилувањата потпишувајќи договор со Мануел Аканжи. Швајцарскиот дефанзивец потпиша петгодишен договор со „граѓаните“, откако Сити се договори со Борусија Дортмунд висината на трансферот да изнесува 17,5 милиони евра.

„Милионерите“ се надеваа на повисока отштета на крајот на преодниот рок, но како што одминуваше времето не добиваа сума по нивна мерка, па бидејќи договорот на Аканжи истекува за десет месеци челниците на Борусија беа принудени да го продадат за да не се случи тој следното лето да си замине без никаква отштета.

„Пресреќен сум што сум овде и едвај чекам да почнам со тренинзи и натпревари. Сити е еден од најдобрите клубови во Европа во последните години, така што овој трансфер ми е перфектен чекор напред во кариерата“, изјави Аканжи по потписот на договорот.

Овој 27-годишен дефанзивец е петтото засилување на Манчестер Сити летово, по Ерлинг Халанд, Калвин Филипс, Серхио Гомез и Стефан Ортега Морено.

Се вчитува...