Официјално: Мечот ПСЖ – Башакшехир нема да се доигра вечерва

Натпреварот меѓу ПСЖ и Башакшехир што беше прекинат откако гостите го обвинија четвртиот судија за расизам сепак нема да биде доигран вечерва, беше потврдено откако претставниците на УЕФА не успеаја да го убедат турскиот тим да се врати на терен.

Турците се повлекоа во соблекувалната жалејќи се дека четвртиот судија расистички го навредил помошниот тренер Вебо.

УЕФА дури и се јави со официјално соопштение дека мечот ќе се доигра со нов четврти судија (прекомандуван од ВАР-возилото), но се соочи со протоколарен проблем. „Судијата – расист“ во таква варијанта требаше да биде прекомандуван во ВАР-арбитар, а Башакшехир не сакаше ни да чуе да го продолжи натпреварот ако тој има било каква официјална улога.

Бидејќи протоколарно во возилото мора да има двајца ВАР-судии, а УЕФА немаше резерва за ваков случај, на крајот беше донесена одлука натпреварот да биде прекинат.

Останува да се види дали мечот ќе биде доигран утре, за кога европската куќа на фудбалот ќе може да комплетира судиска екипа.

Се вчитува...