Официјално: МЗТ со празни раце, АБА1 поништена и проширена

АБА-лигата и официјално ја затвори вратата за вклучување на МЗТ Скопје во елитното друштво од регионалното натпреварување, објавувајќи ја листата од 14 екипи кои ќе бидат дел од АБА1 за натпреварувачката сезона 2020/2021.

Долгиот состанок на челниците на лигата со претставниците на клубовите на крајот ги донесе очекуваните заклучоци, беше објавен крај на сезоната без да биде именуван шампион, а првата лига од АБА беше проширена од 12 на 14 екипи. Воедно, раководството на лигата во официјалното соопштение ги наведе сите клубови кои ќе учествуваат во следната сезона, 12-те од оваа сезона без испаѓање, плус Борац Чачак и Сплит како две најдобри екипи од АБА2-лигата. МЗТ има за што да жали бидејќи речиси цела сезона беше во Топ 2 екипите од АБА2, но серијата порази во февруари и март придонесе „металците“ да паднат на третото место, па исто како лани да извисат за влез во елитата.

Во АБА2-лигата следната сезона ќе се натпреваруваат 12 екипи, а за Македонија се резервирани две места согласно резултатите од националните првенства. Тоа беше случај и во претходните две сезони, но и во двете ситуации МЗТ беше единствениот тим што го претставуваше мак-баскетот откако Работнички (еднаш како шампион еднаш како вицепрвак) не собра храброст да си ги одмери силите со ривали од регионот.

Се вчитува...