Официјално: Немања Матиќ ново засилување на Манчестер јунајтед!

Манчестер јунајтед го комплетираше третото засилување за ова лето, од редовите на Челси пристигна Немања Матиќ за сума од 40 милиони фунти. Српскиот репрезентативец потпиша тригодишен договор, а ќе го носи бројот 31, кој беше во сопственост на Бастијан Швајнштајгер.

„Да соработувам повторно со Мурињо беше шанса која не можев да ја одбијам“, истакна Матиќ.

Откако беше отпишан од Антонио Конте како во ситуацијата со Коста, Матиќ имаше само една желба, повторно да соработува со менаџерот кој има најголема доверба во него, а тоа е Жозе Мурињо. 28-годишниот фудбалер од средниот ред одигра 151 натпревар во дресот на Челси откако се врати на „Стемфорд бриџ“ во 2014 година. Освои две титули во Премиер-лигата, една со Мурињо и една со Конте изминатава сезона, а од сезоната 2014/2015 може да се пофали и со трофејот на Англискиот лига-куп.

Со овој ангажман Манчестер јунајтед ја достигна бројката од 150 милиони фунти потрошени на засилувања, заедно со трансферите на Ромелу Лукаку и Виктор Линделоф. Интересен податок е што Матиќ ќе биде тринаесеттиот фудбалер кој играл под водство на Мурињо во два различни клубови.

Се вчитува...