Александар Трајковски дефинитивно кариерата ја продолжува во Данска, откако Алборг попладнево го претстави македонскиот репрезентативец како свое големо засилување за натамошниот дел од сезоната.
Крилниот офанзивец се најде во немилост на тренерот од Мајорка кој јасно му стави до знаење да не се надева на првотимски статус, по што реши да го напушти шпанскиот клуб. Од неколкуте понуди на негова адреса, Трајковски ја избра онаа на Алборг, клуб во кој Македонецот ќе го носи дресот со број седум.
„Александар Трајковски е играч до кој не успеавме да стигнеме на почетокот од преодниот рок, но сега се договоривме и пресреќни сме што тој доаѓа во нашиот клуб. Тој е одличен играч, со исклучителен дриблин, но и преглед на играта. Може да настапува на сите позиции во навалната линија и сигурно ќе ни биде од помош“, изјави спортскиот директор на Алборг, Инге Андре Олсен.
Трајковски ќе биде стартер во македонскиот национален тим на претстојниот меч со Ерменија во квалификациите за СП 2022, што ќе се игра в четврток на Националната арена „Тодор Проески“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА