ОФИЦИЈАЛНО – Вардар и Милиќ се разделија

Вардар денеска ја официјализира веста за предвремениот раскин на договрот со српскиот голман Страхиња Милиќ. Само два дена по стартот на подготовките за новата сезона, дојде до уште една промена во составот на „црвено-црните“ во кој од денеска и официјално ќе го нема ни Страхиња Милиќ.

„Голманот Страхиња Милиќ повеќе не е член на нашиот клуб, откако спогодбено е раскинат договорот за соработка. Двете страни се договорија за прекин на соработката која трае веќе седум сезони. Тој е еден од членовите што најдолго се задржа во нашиот тим.

Милиќ беше дел од најголемите клупски успеси на Вардар, како освојувањето на европската титула, четирите титули во СЕХА лигата, Пет титули во Македонија, шест трофеи во купот на Македонија и еден трофеј во Супер Купот на Македонија.

На Милиќ му посакуваме успех во натамошната кариера“ – стои во соопштението објавено на клупскиот сајт на Вардар.

Според информациите што претходно излегоа во јавноста, причина за прекинот на соработката со српскиот голман е прекумерната тежина која Милиќ не успеал да ја санира во летниот период и покрај клупските препораки.

По заминувањето на Страхиоња Милиќ, Вардар останува само со еден голман, со новодојдениот Дејан Милосављев. Во ростерот на „црвено-црните“ е и македонскиот репрезентативец Даниел Ѓорѓески, но тој имаше операција на коленото и во наредните неколку месеци ќе биде на рехабилитација.

Се вчитува...